Ферукоски и Рикановиќ пред езерското дерби: Нѐ очекува тежок натпревар, но ќе бараме шанса за освојување на три бода!

Претпоследното коло од регуларниот дел во Супер лигата кое на програмата е викендов, ни го носи езерското дерби помеѓу Охрид и Струга.

Првиот дуел меѓу двете екипи сезонава заврши со победа на Охрид од два гола разлика, 24:22.

Струга откако во претходното коло беше убедливо поразена од Алкалоид, на гостувањето во Охрид ќе има задача да ја поправи сликата и да одигра квалитетен натпревар.

Тренерот Жарко Ферукоски очекува неизвесен натпревар и голема борба за секоја топка.

,,Нѐ очекува тешко гостување во Охрид. На првиот дуел, кој беше одигран на наш терен, загубивме на наши грешки, едноставно изгоревме во желбата да направиме поволен резултат. Охрид има поголема ротација, на секоја позиција имаат квалитетни играчи и веќе со една нога се наоѓаат во плеј-оф фазата, но ние ќе се обидеме да одиграме максимално концентрирано и секако нема да излеземе со бело знаме на теренот. После поразот од Алкалоид во претходното коло, сега ќе бидеме мотивирани да го покажеме најдоброто од нас и да се обидеме да победиме и да ги освоиме трите бода, иако ќе биде тешко, бидејќи Охрид ќе има голема поддршка од трибините”, изјави Ферукоски.

Голманот на Струга, Дејан Рикановиќ имаше пофални зборови за тимот на Охрид истакнувајќи дека неговата екипа е спремна за езерското дерби, но и за освојување на бодовите од  „Билјанини извори“.

,,Охрид е тим кој секако заслужува почит од сите екипи, тие се одлични во нападот, имаат играчи на секоја позиција кои можат да одговорат на задачата, но како и секој тим имаат свои маани. Наше е да ги забележиме тие недостатоци. Ние добро трениравме оваа недела и сигурно спремни ќе го дочекаме овој дуел. Натпреварот против Алкалоид е секако најлошиот одигран натпревар сезонава, одигравме лоша одбрана и имавме многу технички грешки, иако постигнавме 29 гола, примивме многу… Можеби тој дуел со Алкалоид дојде во вистинско време пред дербито, за добро да се организираме и да видиме кај грешиме. Ние сигурно ќе бидеме спремни за овој дерби дуел и ќе бараме своја шанса да освоиме три бода”, изјави Рикановиќ.

Натпреварот помеѓу Охрид и Струга се игра во сабота, 3 декември, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток од 18:30 часот.