Уште не почна ЕП 2022, а веќе се играат квалификации за следното во 2024 година

Во периодот од 14 до 19 јуни, 2021, во престолнината на Грузија, Тбилиси по втор пат ќе се одржи турнирот ИХФ/ЕХФ трофеј. На овој турнир ќе учествуваат најниско рангираните европски селекции, а најдобрите три ќе добијат шанса преку бараж да се изборат за квалификации за Европското првенство 2024 што ќе се одржи во Германија.

Вкупно ќе учествуваат шест учесници кои ќе бидат поделени во две групи, односно А и Б група со по три учесници. Андора, Азеребејџан, Бугарија, Грузија, Кипар и Молдавија ќе се борат за освојување на титулата во Тбилиси.

Освен домаќинот Грузија, за кој ќе настапат голем број на ракометари од македонската Суперлигата, втор фаворит е селекцијата на Кипар. Главно, оваа селекција е составена од ракометари кои направија одличен резултат на клупско ниво со Анортозис Фамагуста во Европскиот куп.

Најдобрите три селекции од овој турнир ќе им се придружат на најслабите четири селекции од квалификациите за ЕП 2022 (Белгија, Финска, Турција, Летонија и Луксембург), по што ќе бидат формирани четири бараж двојки, од кои победниците ќе обезбедат место во квалификациите за ЕП 2024 година.