Уште не завршија квалификациите за ЕП 2022, почнуваат тие за ЕП 2024 во Германија

Додека најголемиот дел од европските репрезентации се насочени кон квалификациите и пласман на Европското првенство во 2022 година, пет репрезентации се пријавија за првиот претквалификациски турнир за ЕП во Германија во 2024 година.

Тоа се Луксембург, Кипар, Бугарија, Велика Британија и Грузија. Луксембург како најдобро рангирана репрезентација обезбеди директен пласман во следната фаза, додека останатите четири екипи ќе играат квалификациски турнир.

Турнирот ќе се одигра во периодот од 8 до 14 март 2021 година, а најдобрите две репрезентации ќе обезбедат пласман во нокаут фазата.

Четвртата репрезентација која ќе се натпреварува во нокаут-фазата (бараж мечеви дома-гости) ќе биде некоја од најслабо рангираните што ќе играат на развојните првенства на ЕХФ/ИХФ.

Македонија е директно пласирана во втората квалификациска фаза во која ќе играат 32 селекции, поделени во осум групи по четири селекции. Европското првенство во 2024 година ќе се одржи во Германија, a градови домаќини ќе бидат Диселдорф, Келн, Берлин, Хамбург, Манхајм, Минхен и Хановер.