Унгарија со само една ракометарка од Ѓер и две интернационалки ќе настапи на ЕП

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Унгарија, Владимир Головин го соопшти списокот на играчи за настап на претстојното Европското првенство, кое ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и Словенија.

Стратегот на Унгарија за континенталниот собир одбра 18 ракометарки, а само една од нив доаѓа од унгарскиот гигант Ѓер. Станува збор за десното крило Викторија Лукач, која зад себе има неколку настапи на големите натпреварувања.

Место во репрезентативниот табор на Унгарија немаше за Ченге Фодор и Надин Шацл, кои во Ѓер настапуваат на левата крилна позиција. На списокот не се најде ниту Доротеја Фалувеѓи, која исто така го носи дресот на Ѓер.

Најголемиот дел од избраните ракометарки доаѓаат од ФТЦ, Дебрецен, Мошонмаѓаровац и Вац, додека на списокот од 18 играчи само голманката Мелинда Цикорија и левото крило Дорина Коршош се интернационалки.

Унгарија на Европското првенство ќе игра во група со Норвешка, Хрватска и Швајцарија. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе продолжат во наредната фаза од ЕП.