Узунчев и Димевски го водеа Мулти Есенс до триумф кај Драчево

Новиот прволигаш Мулти Есенс ита кон суперлигашкото друштво уште во првата сезона, откако славеше на гости кај Драчево со 34-31 во натпревар од 5 коло во плеј-офот.

Драчево играше одлично во првиот дел, успеа да поведе и со шест погодоци, 12-6, но домашните попуштија во ритамот што сами го наметнаа и гостинот до паузата успеа да израмни на 15-15.

Во второто полувреме гостите поведоа со два гола, 17-15 и до крајот не го испуштија водството. Избраниците на Велимир Настески имаа свои моменти на мечот, откако тимот од Автокоманда поведе со пет гола, Драчево се врати на минус два, но немаше сили за комплетен камбек и мечот заврши со гостинска победа.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа кадетските репрезентативци Димитар Узунчев со 12 гола и Давид Димевски со седум погодоци, додека кај домашните десет гола даде Ѓорѓи Дука.

Мулти Есенс има 39 бодови на првото место, додека Драчево и Аеродром се израмнети со 28 бода на второто и третото место.