Трпчевски раскина со Корфу – бира меѓу Македонија, Грција, Хрватска…

Десниот бек Стефан Трпчевски по неколку месеци замина од грчкиот тим Фаикас Корфу. Лошиот старт во првенството, како и финансиските проблеми беа причините што си заминаа сите интернационалци.

Меѓу нив беа и двајцата Македонци – Трпчевски и Ончев. Левиот бек се сели во Работнички, додека Трпчевски има неколку понуди и ќе одбере каде ќе ја продолжи кариерата.

„Во Грција поминавме неколку добри месеци со мојот колега Тоше Ончев и добивме убаво искуство што ќе ни користи во иднина. Во клубот уште од почетокот на првенството имаше несогласувања меѓу тренерот и управата, па беше сменет. Но ниту новиот тренер не покажа нешто повеќе, па повторно управата презема чекор и го отпушти. На нас играчите ни беше преполовена платата за до крајот на сезоната и сите интернационалци, меѓу кои и јас, си заминавме“, вели Трпчевски за 24Ракомет.

Битолчанецот има големо суперлигашко искуство во Македонија, каде играше за Пелистер, Вардар Јуниор, Вардар, Струга и Охрид, а на меѓународна сцена беше дел од израелсиот Хапоел Кирјат.

„Имам неколку понуди од Македонија, Грција, Босна и Херцеговина и Хрватска, до крајот на оваа недела треба да ги знам сите детали и да одберам каде ќе ја продолжам мојата кариера“, заврши Трпчевски.