Три екипи веќе имаат плеј-оф виза, позната е и првата двојка

После одигрувањето на 9. коло веќе нема дилеми кои се двете екипи кои ќе бидат домаќини на реваншите од плеј-оф дуелите од Лигата на шампионите кои ќе се одиграат во февруари и почетокот на март.

Бидасоа Ирун од Шпанија е сигурна на првото место во Групата Ц каде што игра и Еурофарм Работник, а тоа е последниот ривал на битолчани кој гостува во Битола в сабота. Воедно Бидасоа Ирун веќе го дозна и својот ривал за во плеј-офот. Прво ќе гостува во Полска кај Висла Плоцк, а потоа истиот тим ќе го пречека во Шпанија.

Пласман има и за Динамо Букурешт од Романија. Овој тим е сигурен на првата позиција во Групата Д, но ќе мора да почека до последното коло за противникот. На 30 ноември во Португалија тимот на Спортинг го пречекува Савехоф од Шведска. Ако Португалците победат одат на двобој со Романците. Во спротивно со реми или победа на Савехоф, Швеѓаните ќе бидат ривали на тимот од Букурешт.