Трикратен европски првак во големи финансиски проблеми!

Трикратниот европски првак Виборг од Данска се соочува со големи финансиски проблеми. Раководството на клубот објави дека финансиската криза е поради проблемите што се појавија поради ковид пандемијата.

Од Виборг истакнуваат дека клубот во оваа сезона има голем буџетски дефицит. На некогашниот европски првак му се потребни дополнителни средства во висина од 455 илјади долари. Половина од сумата е веќе обезбедена.

Во екипата на Виборг очекуваат да го соберат остатокот во овој месец и без проблеми да ја завршат новата натпреварувачка сезона. Поради финансиските проблеми, се намалени и амбициите на клубот.

Виборг во најквалитетното натпреварување во Данска моментално се наоѓа на 8. позиција, а пласман во плеј-оф фазата ќе значи и повеќе од успех за некогашниот европски гигант.

Ракометарката на Куманово, Наташа Нолевска во сезона 2017/18 го носеше дресот на Виборг. Во клубот од Данска настапуваа голем број на ѕвезди од типот на Бојана Поповиќ, Маја Савиќ, Ања Алтхаус, Катрин Лунде, Грит Јурак, Изабел Гулден, Линеа Торстенсон…

Клубот три сезони ја освојуваше Лигата на шампионите, 2005/06, 2008/09 и 2009/10. Освен трофеите во елитното натпреварување, тимот на Виборг го освојуваше првото место и во другите европски натпреварувања.

За потсетување, пред извесен период банкрот прогласија екипите на Рандерс и Ајакс Копенхаген.

Еден од најтрофејните дански клубови прогласи банкрот!