ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Царапкин уште една сезона во Татран, Лудвигсхафен најде замена за Томовски

  • Белоруската репрезентативка Викторија Шамановскаја од следната сезона се сели во ЦСКА Москва. Кружниот напаѓач со успех настапува за Лада Тољати.
  • Полскиот Азоти Пулави за следната сезона го ангажира австрискиот репрезентативен десен бек Борис Живковиќ, кој досега го носеше дресот на Алпла Хард. Живковиќ потпиша договор на две сезони.
  • Словенечкиот првак Целје Пивоварна Лашко најде замена за голманот Филип Ивиќ, кој се сели во Загреб. Нов чувар на мрежата на Целје ќе биде Небојша Бојиќ, кој во моментов брани за Рибница, а претходно беше дел од Словењ Градец и Слован. Целје го ангажираше и левиот бек Тилен Стрмљан од Шмартно.
  • Францускиот Трембле донесе два леви бека за следната сезона. Станува збор за 22-годишниот израелски интернационалец Адир Коен, кој доаѓа од швајцарскиот Винтертур и Фабијан Руис, кој доаѓа од Понто Комбо.
  • 23-годишниот десен бек на Целје, Матиц Грошељ, од следната сезона ќе го има првото интернационално искуство, откако го стави потписот на двегодишниот договор со францускиот Шарт.
  • Пикерот на руската репрезентација, Роман Царапкин, потпиша нов договор на една сезона со словачкиот првак Татран Прешов. Него ќе му прави друштво уште еден Русин, Вјачеслав Касаткин.
  • Украинската голманка Викторија Тимошенкова, по завршувањето на суспензијата поради допинг во Корона Брашов, најде нов клуб и до крајот на сезона ќе настапува за тимот на Слатина.
  • Данскиот првак Алборг го продолжи договорот со норвешкиот интернационалец Себастијан Бартолд. Левото крило ќе остане во овој тим и во следните три сезони. Тој даде повеќе од 600 голови на 150 натпревари откако пред четири години дојде во овој клуб.
  • По една година мината во Ел Наср од Дубаи, тунискиот репрезентативец Камел Алуини се враќа во романскиот првак Динамо Букурешт, со кој потпиша договор на две сезони.
  • Францускиот Тулуз ќе има многу промени во следната сезона. На местото на Филип Гардан, тренер ќе биде неговиот досегашен асистент Данијел Анѓелковиќ, а доаѓаат и пикерот од Монпелје, Фредрик Петерсон, Тобијас Вагнер од австрискиот Фиверс, Ервин Фојхтман од Адемар Леон и Ерик Баленсиага од Ла Риоха.
  • Десниот бек на бундеслигашот Гепинген, Николај Теилингер, од следната сезона ќе настапува за некогашниот европски првак Хамбург, со кој се договори за двегодишна соработка.
  • Рускиот чувар на мрежата Олег Грамс поради лични причини предвреме си замина од францускиот Данкерк, за кој бранеше од 2017 година.
  • Голманот на австрискиот тим Ферлах, Жига Урбич ќе му прави друштво на Матеј Ашанин на голот на бундеслигашот Лудвигсхафен. Урбич и Ашанин ќе ги заменат Мартин Томовски и Горазд Шкоф, кои заминуваат на крајот на сезоната.
  • 44-годишниот норвешки тренер Јонас Виле го напушта данскиот Морс и во следните три сезони ќе седи на клупата на шведскиот шампион Кристијанштад.
  • Средниот бек на руската ЦСКА Москва, Михаил Виноградов на крајот на сезоната заминува од овој тим и ќе го има првото интернационално искуство во кариерата, откако потпиша за австрискиот тим Брегенц.