ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Унгарски пивот во Татран, Јукиќ си оди од АЕК, Фуксе го бара Гомеш

Десниот бек од Хрватска, Никола Јукиќ, по само една сезона си замина од шампионот на јужниот сосед на Македонија, АЕК Атина и се пресели во Саудиска Арабија. Јукиќ потпиша за Ал Мудар.

Словачкиот Татран Прешов објави за соработката со 26-годишниот унгарски кружен напаѓач Марк Ковач, кој потпиша до 2025 година. Ковач потекнува од Веспрем, играше за НЕКА, словенечката Добова, а во Прешов доаѓа од романската Орадеа.

Според информациите на „RTHandball“, португалскиот лев бек од Мелсунген, Андре Гомеш е трансферна цел на Фуксе Берлин. „Лисиците“ се во потрага по нов ракометар на левата бековска позиција по заминувањето на Холм во ПСЖ.

Официјалниот сајт на бундеслигашот Ерланген го објави името на новиот тренер. Тоа е 53-годишниот Хармут Мајерхофер, кој досега беше дел од Гепинген, каде доби отказ минатиот декември. Тој доаѓа на местото на Шпанецот Раул Алонсо.

Кружниот напаѓач Артур Парера, кој минатата сезона беше дел од Барселона замина од „Блауграна“ и потпиша за Пуерто Сагунто. Иако тој беше член на Барса од 2015 година, лани за првпат доби шанса во првиот тим и на 29 меча даде 61 гола.