ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Питлик пред преселба во Мелсунген, Србин ќе го предводи Кокс…

  • Екипата на Мелсунген, која е предводена од поранешниот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, за следната сезона посакува во своите редови да го донесе Симон Питлик, пишува германскиот портал ,,HNA”. Репрезентативецот на Данска на Светското првенство оваа година беше прогласен за најдобар лев бек и беше еден од носителите на играта во старо-новиот шампион на светот. Освен Питлик, голема желба на раководството на Мелсунген се и Ерик Баленсиага и Амине Дармул. Клубот посакува да го задржи екс ракометарот на Вардар, Глеб Калараш.
  • Некогашниот учесник од Финска во Лигата на шампионите, тимот на Кокс, во новата сезона ќе биде предводен од нов тренер. Станува збор за ракометарот од Србија, Бојан Жупањац, кој во Кокс настапува од 2017 година. Бидејќи актуелниот тренер на Кокс, Кристоф Виене на лето ќе го напушти тимот поради семејни обврски, раководството на Кокс одлучи дека негова соодветна замена би била токму Жупањац.
  • Бундеслигашот Штутгарт за остатокот од натпреварувачката сезона се засили со двајца ракометари. Клубот денес објави дека е постигната соработка со кружниот напаѓач од Кадетен Шафхаузен, Лукас Лаубе и левиот бек од Мотор Запорожје, Јонас Тручановичиу.
  • Довчерашниот репрезентативец на Холандија, Исо Слајтерс го продолжи договорот со Амичитија Цирих, клуб во кој настапува интернационалецот од Македонија, Мартин Поповски. Двете страни се договорија на нова соработка, која ќе биде со важност до крајот на натпреварувачката сезона 2025/26.
  • Амбициозната екипа на Глорија Бистрица од Романија за следната сезона ја ангажираше повремената репрезентативка на Шпанија, Сејнабу Мбенге Родригез. Се работи за ракометарка која игра на позиција десен бек и која има големо искуство со настапи во Европските Купови.