ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Батиновиќ си заминува од Романија, Минден има нов тренер…

  • Според пишувањата на Еуроспорт, репрезентативката на Црна Гора, Марта Батиновиќ на лето ќе си замине од екипата на Глорија Бузау. Голманката, која со црногорската репрезентација го освои бронзениот медал на Европското првенство минатата година, во текот на 2021 направи трансфер од Валчеа во Глорија Бузау, а во својата кариера настапуваше и за екипите на Будуќност и Подравка.
  • Бундеслигашот Минден во следната сезона ќе биде предводен од исландскиот тренер Адалштајн Ејелфсон. 45-годишниот стручњак со Минден потпиша договор до крајот на сезоната 2024/25. Ејелфсон во Минден ќе се пресели од швајцарскиот Шафхаузен кој е на чело од 2020 година. Исланѓанецот претходно има работено во Бундеслигата, поточно во екипата на Ерланген.
  • Како што соопштува „RTH Handball“, Бјарке Кристиансен и Ветле Ронинген, кои моментално настапуваат за екипата на Колдинг, од сезона 2024/25 можат да го облечат дресот на Скјерн, клуб што покрај во данскиот шампионат настапува и на европска сцена, поточно во Лига на Европа.
  • Колешката на Сара Ристовска во ЦСКА Москва, голманката Кира Турсова во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик. Искусната голманка во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе брани за романскиот суперлигаш Дунареа Браила, во која се очекува да пристигне и кружниот напаѓач на Хрватска, Катарина Јежиќ. Ракометарката од Хрватска предвреме го раскина договорот со Кастамону и е во потрага по нов клуб.
  • Капитенот на Нант, Гордана Митровиќ во следната сезона ќе настапува за екипата на Ница. Левиот бек, кој мина пет сезони во Нант реши да ја промени клупската средина и да ги засили редовите на екипата на Ница, во која брани голманката на Македонија, Јована Мицевска. Пред извесен период, екипата на Нант објави дека репрезентативката на Сенегал, Раиса Дапина, исто така ќе премине во тимот на Ница.