ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Барса купи лев бек, Будуќност донесе трио засилувања, Муса си оди од Загреб

  • Средниот бек на Грањолерс, Пол Валера ги засили редовите на актуелниот европски шампион Барселона. Повредите на Тим Н’Гесан и Ханиел Лангаро беа причина за челниците на Барселона да го ангажираат средниот бек, кој во дресот на Грањолерс имаше забележителни партии. Валера со каталонскиот гигант се договори на соработка, која ќе биде со важност до јуни, 2024 година.
  • Повремениот репрезентативец на БиХ и екс ракометар на Металург, Игор Мандиќ од лето повторно ќе го носи дресот на Селеста. Искусниот ракометар, кој во Металург настапуваше две сезони, во 2012/13 и 2013/14, во минатата сезона од Селеста направи трансфер во Рихимаки Кокс. Босанецот во францускиот суперлигаш ќе настапува до 2026 година.
  • Ракометарот на Металопластика, Марко Јевтиќ во следната сезона ќе настапува во Шпанија. Младиот ракометар, кој потекнува од Бијелиња, направи голем исчекор во својата кариера потпишувајќи договор со Бидасоа Ирун, клуб кој што се натпреварува во Лига на Европа. Кружниот напаѓач со шпанскиот клуб потпиша едногодишен договор, со можност за продолжување, доколку двете страни бидат задоволни од соработката.
  • Екипата на Монпелје продолжува да го формира тимот за натпреварувачката сезона 2023/24. По ангажирањето на репрезентативецот на Египет Ахмед Хешам, францускиот клуб за следната сезона го ангажираше и Себастијан Карлсон од Савехоф. Карлсон игра на позицијата десно крило и во тимот на Монпелје ќе остане најмалку до 2026 година. Швеѓанецот токму во Монплеје ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера.
  • Поранешниот европски првак Будуќност, кој сѐ уште е присутен на европска сцена, за следната сезона ги ангажираше првите засилувања. Црногорскиот првак во своите редови ги донесе двете репрезентативки на Турција, десниот бек Бејза Карачам и левиот бек Неслихан Чалискан. Карачам во екипата од Подгорица ќе пристигне од Кристијанштад, додека Чалискан од актуелниот шампион на Турција, Кастамону. Будуќност претходно го продолжи договорот со левото крило Ивона Павичевиќ. Покрај двете Турчинки, Будуќност ја договори и репрезентативката на Франција, Калиадату Ниакате, која го носи дресот на ЧСМ Букурешт.
  • Според пишувањата на „Хандбал Планет“, репрезентативецот на Хрватска и актуелен член на Загреб, Жељко Муса кариерата би требало да ја продолжи во швајцарскиот шампионат, поточно во екипата на Криенс Луцерн. Според споменатиот медиум, ракометарот на Загреб во клубот од Швајцарија би требало да остане најмалку две сезони.
  • Белорускиот репрезентативец Валентин Куран го продолжи договорот со Мешков Брест и во шампионот на Белорусија ќе остане во наредните две сезони. Младиот ракометар ланската сезона се врати во Мешков Брест, откако претходно собираше искуство во АСОБАЛ лигата каде што настапуваше за Кангас, а играше и во словачкиот шампионат, односно во екипата на Татран Прешов.
  • Десното крило Мамаду Дику е нов играч на португалскиот првак Порто. 22-годишниот Шпанец со сенегалски корени настапуваше за Барселона, Рајн Некар Левен, а во Португалија оди од Ла Риоха.
  • Шпанската репрезентативка Каба Гасама го продолжи договорот за уште една сезона со германскиот првак Битигхајм. Кружниот напаѓач се пресели во Германија од францускиот Флери Луар и остави одличен впечаток во Лигата на шампионите.