Традицијата продолжува: Пролет на нова прошетка, двапати гостин во Шпанија

Вториот претставник од Македонија во Лигата на Европа за сезоната 2021/22, Пролет 62 и во новата сезона се одлучи на ист потег како и во претходните четири учества, па по петтипат ќе гостува двапати кај својот противник.

Средбите меѓу Пролет 62 и Гранољерс ќе бидат одиграни на 3 и 4 септември во Шпанија така што веќе е јасно дека е потпишана капитулација уште пред да бидат одиграни натпреварите.

Досега Пролет има три учества во Челенџ купот и едно во Купот на ЕХФ. Има една победа и едно реми од сезоната 2009/10 кога се играше турнир во Плав во Црна Гора. На тој турнир беше забележан и еден пораз. Потоа во 2011/12 против Вакер тун во Швајцарија беа забележани два порази исто како и во 2015/16 против Сасја во Белгија.

Последните два порази беа во Купот на ЕХФ во 2018/19 од тимот на Карвина.

Со ова само продолжува традицијата на прошетка во европските купови и играње на две средби на кои предвреме е веќе познато дека ќе бидат запишани два порази, а неизвесна е само разликата. Можеби ќе беше така и доколку се играше еден натпревар во Скопје еден во Гранољерс, но нема да има такво нешто.

Пролет ќе биде на 3-4 дневна прошетка во Шпанија, а натпреварите се играат на 3 септември во 19 часот и на 4 септември во 17:30 часот.