Тоскиќ се врати во Целје, но како главен тренер

Поранешниот пивот на Вардар, Алем Тоскиќ после успешната работа на клупата на Чурго од унгарија добива нов сериозен предизвик во својата тренерска кариера и во иднина ќе биде на клупата на Целје.

Тимот кој до пред 2-3 години беше без конкуренција во Словенија ја загуби доминацијата и почна да добива ривали во другите тимови, а ниту еден тренер не успеа да го одржи нивото од претходните години.

Поради ова во Целје се одлучија да го вратат Тоскиќ во клубот каде што како играч имаше одлични настапи.

„После осум години се враќам дома. Повторно ќе бидам дел од клубот кој ми даде најмногу во мојата играчка кариера. Тука поминав шест години како играч и точно знам што значи да се носи дресот на Целје. од друга страна сега сум во сосема друга улога. Верувам во себе и сигурен сум дека сум подготвен за овој предизвик. Ситуацијата не е лесна, но ова е спорт и ќе сториме сè да го вратиме клубот на позицијата која му припаѓа“, коментира Тоскиќ.

Тој ќе има сериозна задача бидејќи во клубот повеќе не е на нивото на кое беше и ќе треба многу работа за да се врати на старите позиции.