Томче Стојановски ја продолжи верноста, останува уште две години во Бутел

Ракометарот што може да игра на сите бековски позиции во редовите на Бутел Скопје, Томче Стојановски го продолжи договорот за уште две сезони. Тој е играч кој важи за еден од главните дефанзивци во тимот што резултираше и со вбројување меѓу играчите кои се на поширокиот список на Лазаров.

Со потпишувањето на договорот тој го искажа задоволството од продолжувањето на соработката со Бутел Скопје и посакува остварување на сите амбиции.

„Во Бутел Скопје сум од самиот почеток, како што растеше клубот, така и јас заедно со него како играчот. Клубот е задоволен од тоа што го прикажувам досега, па одлучи да ми даде нова понуда за продолжување на договорот. Ја прифатив бидејќи гледам овде шанса за мој понатамошен напредок. Бутел функционира како едно големо семејство. Амбициите на клубот се секоја година да одиме едно скалило погоре, па така сега се бориме да обезбедиме излез во европските купови. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и со мојата игра ќе помогнам на екипата во остварувањето на целите“, вели Стојановски.

Ова е продолжување на соработката со уште еден ракометар, откако претходно нов договор со Бутел Скопје потпиша и левото крило Мирко Мајиќ.