Томовски ги излуде колегите од Кил, го води Вардар кон победа

После 30 минути игра на дуелот меѓу Вардар и Кил резултатот е 13:10, а клучот на оваа предност е Мартин Томовски кој има дури 12 одбрани за едно полувреме и успешност од над 50 проценти.

Од почетокот на средбата на теренот доминираше голманот на „црвено-црните“, Мартин Томовски. Им одбрани пенал на противниците после една минута игра, а потоа до 10. минута имаше само еден примен гол. Сепак, неговите одбрани не беа искористени како што требаше односно не беше направена голема предност.

Вардар имаше само 3:1, па во 13. минута беше обезбеден нерешен резултат од 3:3. Тука средбата доби еден сосема поинаков тек односно следуваше период во кој и на двете страни следуваа наизменични погодоци.

Дури девет минути Вардар чекаше за нов погодок, а откако стигна тргна надигрувањето, па никој не успеа да направи предност од два гола. Имаше неколку исклучувања и на двете страни, но тоа не влијаеше премногу на играта.

На две минути до крајот на првото полувреме беа обезбедени плус два откако Георгиевски пресече, а Талески погоди за 12:10. Потоа во последниот напад реализираше и Кевин Њокас, па на одмор е плус три за Вардар.

Томовски брани неверојатно. Има 12 одбрани во овој дел од средбата, а прв стрелец е Дибиров со седум гола. По еден гол имаат Тото, Гаџа, Георгиевски, Дијало, Талески и Кевин Њокас. Прв стрелец на Кил е Пекелер, кој има четири погодоци.