Тиквеш ја совлада Струга и му закажа дуел на Прилеп за место во финале

Екипата на Тиквеш дојде до победа од 30:28 против Струга и си обезбеди дуел од 18 часот на кој ќе се соочи со Прилеп за првото место во Групата А. Кавадарчани одиграа подобро во вториот дел од средбата и успеаја да стигнат до победата иако главно имаше голема неизвесност.

Од почетокот на средбата Струга беше за нијанса подобра. Во 6. минута веќе имаше 4:1, но потоа осум минути стружани не постигнаа гол и Тиквеш израмни. Дури во 14. минута тимот на Струга стигна до петтиот погодок, но веќе беа влезени во период кога играа гол за гол и постојано беа во некаква резултатска неизвесност.

До крајот на првиот дел никој не успеа да направи поголема разлика така што на одмор Струга замина со 15:14.

Во првите минути од второто полувреме составот на Струга продолжи да ја одржува предноста, но не успеа да издржи во такво темпо така што Тиквеш успеа да ја преземе иницијативата и да почне да го диктира резултатот.

Последните 20 минути кавадарчани ги минаа во резултатска предност. Имаа гол до два водство, па на крајот финишираа со резултат од 30:28.

Со оваа победа Тиквеш се избори за дуел со Прилеп за првата позиција, а истиот се игра од 18 часот. Победникот оди во утрешното финале.