Тешка игра, висок пораз: Данска ги казни сите грешки на Македонија

После големата победа во четвртокот во Скопје, денеска репрезентативците на Македонија претрпеа пораз од Данска со 21:37. Во натпревар во кој и беше очекувано Данците да бидат далеку подобри отколку на првата средба тоа и се случи на теренот, па после првите минути на израмнетост следуваше доминација на домашните.

Македонија имаше 3:3 во 6. минута и две минути подоцна и 4:4, па потоа одново Данците почнаа да го диктираат темпото на играта, а со тоа и водството. Работите одеа одлично за нив особено откако дојде до смена на голот и на местото на Ландин се појави Кевин Мелер.

Тука имаше два период од 5-6 минути во кои Македонија не можеше до погодок и во тоа време растеше предноста, која во 19. минута изнесуваше 12:6, а во 24. минута беше 15:7.

Овој резултат им даде само можност на Данците до крајот на првиот дел да бидат мирни и на одмор да заминат со 17:10.

Почетокот на второто полувреме донесе брзо зголемување на негативата и тоа на двоцифрен број на голови. После само четири минути игра, Данска имаше 22:11 и тука веќе беше и повеќе од јасно дека ова ќе биде тежок пораз за Македонија. Данците не застанаа туку продолжија да ја казнуваат секоја грешка.

За разлика од првата средба денеска грешките ги имаше во голем број и беше тешко да им се парира на расположените Данци. Постојано ја зголемуваа предноста и до крајот стигнаа до позитива од 16 гола за конечни 21:37.

ДАНСКА – МАКЕДОНИЈА            37:21 (17:10)

Сала: Јутландер Банк Арена во Алборг. Судии: Петер Хорват и Балаш Мартон од Унгарија. Делегат: Јорн Мелер Нилсен од Данска.

ДАНСКА: Н. Ландин (4 одб.), Нилсен (2 одб.), Мелер 1 (16 одб.), М. Ландин 1, Јакобсен 2, Линдберг 1, Мелгард 1, Ларсен 4, Тофт Хансен 5, М. Хансен 4, Ј. Хансен 3, Андерсон 2, Н. Нилсен 1, Холм 3, Гидсел 7, Халд Јенсен 2.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.

МАКЕДОНИЈА: Митревски (4 одб.), Томовски (3 одб.), Манасков 1, Велковски 3, Кузманоски 1, Ѓорѓиев, Талески 1, Маркоски 2, Кузмановски 5, Костески 2, Георгиевски 2, Ѓоргоски, Младеновиќ 1, Пешевски 3, Аларов, Серафимов.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 10 мин.