Ташев и Петров дадоа 15 гола, Вардар Неготино победнички низ Ресен

Во рамките од 8. коло од Првата лига, Вардар Неготино славеше на гостувањето во Ресен кај Преспа со 29:18. Тренерот на гостите, Аце Станковси на овој дуел беше без помошта на Драган Кузманов, кој се повреди на претходниот дуел со Драчево и мораше на пауза.

И двете екипи имаа свои подеми и падови, но ракометарите на Вардар Неготино во второто полувреме беа повеќе сконцентрирани на теренот и заслужено ги освоија новите бодови.

Ракометарите на Вардар Неготино имаа одличен старт на натпреварот, поведоа со 4:0, а домашната екипа на Преспа првиот гол го постигна дури по десет минути игра. Во последните десет минути, домашните заиграа поангажирано во напад и одбрана и целосно се вратија во игра. Со серија од четири гола преку Тунтевски, Даскаловски и Божиновски, Преспа направи целосен пресврт и замина на полувреме со предност од два гола, 11:9.

Екипата на Вардар Неготино по неколку минути игра во вториот дел го изедначи резултатот на 12:12. Малиот пад во играта на домаќините им овозможи на гостите преземање на водството и предност од 15:13. Петров и Пеовски беа ракометарите кои му донесоа највисоко водство на гостинскиот тим, 20:16. На осум минути пред самиот крај, Вардар Неготино имаше недостижна предност од 23:17.

Преспа не успеа ни да ја преполови негативата во последниот дел, мораше да се задоволи со денешниот пораз и првите бодови во новата сезона да ги бара во следното коло. Најефикасен во победничката екипа беше Ѓорѓи Ташев со осум гола, додека седум постигна Костадин Петров. Во поразениот табор најефикасни беа Николче Даскаловски и Стевче Тунтевски со по пет гола.