Татран Прешов му врачи отказ на легендарниот Антл

Словачкиот шампион Татран Прешов му врачи отказ на довчерашниот тренер Радослав Антл и во следниот период раководството на клубот ќе се активира на трансфер пазарот за наоѓање на нов тренер, кој ќе го предводи тимот до крајот на сезоната.

Овој викенд Татран Прешов, кој игра и во чешкиот шампионат, ремизираше против екипата на Копривнице (35:35). Челниците на клубот не беа задоволни од овој исход, бидејќи Татран Прешов не стартуваше според очекувањата во споменатиот шампионат, па така искусниот стратег беше разрешен од тренерската функција.

За потсетување, екипата на Татран Прешов на почетокот на новата натпреварувачка сезона беше поразена од Повашка Бистрица во шампионатот на Словачка, додека во чешкиот шампионат има биланс од три победи, три порази и три нерешени средби, а ремито во саботниот дуел против Копривнице само ја прелеа чашата во актулниот словачки шампион.

Улогата на преоден тренер ќе ја има директорот на Татран Прешов, Станислав Пупик, кој ќе го раководи тимот додека не се најде замена за разрешениот Антл. Пупик во вчерашниот натпревар од Лига на Европа против Кадетен Шaфхаузен, го имаше дебито како нов тренер на Татран Прешов, но неговиот тим не успеа да излезе од кризата и го доживеа третиот сезонски пораз на европска сцена.

Татран Прешов по 14 одиграни коло во шампионатот на Чешка се наоѓа на 4. позиција на табелата со 17 бода, додека во домашниот шампионат е второпласиран со 18 бода, а првопласираната Повашка Бистрица има два бода повеќе (20).