Супер куп дуелот со олимписка арбитража

Екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер кои во минатата сезона играа финале во Купот на Македонија и завршија на првите две позиции во Супер лигата денеска играат Супер куп и означуваат почеток на новата сезона, а на теренот ќе ги имаат најдобрите судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Арбитрите кои судеа во финалето на последните Олимписки игри во Токио веднаш после враќањето во Скопје имаат нов предизвик и ќе треба да делат правда на првиот официјален натпревар во новата сезона.

Овој натпревар се игра во салата во СЦ „Борис Трајковски“ каде што во моментов се игра ЕХФ шампионатот, а денеска  е слободен ден. Toa е одлична можност за нов возбудлив натпревар и можност на дело да се видат двете најдобри екипи во Македонија во моментов.

Делегат на овој натпревар е Камер Металари, а почетокот е во 19 часот.