Суперкупот на 28 август, Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се борат за прв трофеј

Екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер кон крајот на месец август ќе се борат за првиот трофеј во новата сезона, во рамки од македонскиот Суперкуп.

Натпреварот од Суперкупот меѓу шампионот Вардар и финалистот од Купот на Македонија од минатата сезона, Еурофарм Пелистер, ќе се одигра на 28 август, а локацијата треба да биде дополнително позната.

Екипата на Вардар во својата клупска историја има освоено три титули во Суперкупот, додека тимот од Битола во минатата сезона ја прекина доминацијата на Вардар и успеа да ја освои првата титула во Суперкупот, откако во финалето, кое беше одиграно во СЦ „Борис Трајковски“ славеше против „црвено-црните“, со резултат 31:22.

Еурофарм Пелистер веќе ги започна подготовките за новата сезона, во која ќе се натпреварува на пет фронта, додека екипата на Вардар ќе игра само на домашна сцена и во СЕХА лигата.