Стружани добиваат големо засилување: Велко Маркоски се враќа дома!

Некогашниот репрезентативец на Македонија, Велко Маркоски, во новата сезона би можел да се врати во матичниот клуб Струга.

Според информациите на 24Ракомет, преговорите се во завршна фаза, па трансферот наскоро би можел да биде официјализиран. Искусниот Маркоски последните три сезони ги мина во Металург, односно Металург РА, а се одново би можел да заигра за клубот од родниот град.

Маркоски уште како младинец во 2003 дојде во Вардар, каде остана до 2010, а по настапите за „црвено-црните“ се пресели во Автокоманда, и со Металург играше во Лигата на шампионите.

Потоа следуваше по една полусезона во Зомимак Струмица, односно Работнички, пред да ја започне интернационалната епизода во кариерата. По две сезони ги бранеше боите на хрватскиот Загреб и романската Констанца. Во 2019 година се врати во Металург.

Досега стружани се договорија со средниот бек Петар Бугариновиќ од Србија и со пивотот Богдан Ѓуровиќ од Црна Гора. Од екипата заминаа Пеце Ѓорѓиески, Жарко Барјактаревиќ, Славе Јанковски, Владан Кастратовиќ и Василије Печурица.

Доколку се реализира трансферот на Маркоски, Струга ќе добие големо засилување во битката за што подобар пласман во Суперлигата. Стружани се наоѓаат во групата А заедно со Вардар, Вардар Неготино, Куманово, Бутел Скопје, Охрид, Прилеп и Алкалоид.