СТРУГА 2023: Продолжува приказната на најдолговечниот и најуникатниот македонски ракометен турнир

Годинава од 16 до 19 август по 51. пат ќе се игра турнирот. Следете не на нашата страница на Facebook, бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Ќе имаме многу интеракција, гласање, наградни игри...

Откако лани го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 16 до 19 август по 51. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Градот на македонските преродбеници Константин и Димитрија Миладинови, на „Струшките вечери на поезијата“ и најголемиот ракометен инкубатор на таленти и репрезентативци годинава ќе биде домаќин на шест силни екипи. Ќе продолжи традицијата на играње на отворено, по што Струга е препознатлива и единствена.

Традиционално турнирот има меѓународен карактер. Три странски екипи ќе бидат меѓу оние што ќе се борат за трофејот. Во Струга ќе се појават домаќинот Струга, двократниот европски првак Вардар, и Алкалоид, додека од странските екипи ќе допатуваат грчкиот шампион АЕК Атина, шведската екипа Ескилстуна Гуиф и српскиот тим Динамо Панчево.

Струшки турнир го носи името на „Вангел Баљукоски – Баљук. Се тргна како желба да се овековечи името и делото на еден извонреден ракометар, а прерасна во традиција, престиж и препознатлив турнир кој повеќе од 50 години ги собира најпознатите ракометни легенди, ракометни прваци од многу земји, европски прваци, олимписки ѕвезди, клубови и тренери, репрезентации…Традицијата трае и денеска и одново покажува зошто ракометот е „спорт број 1“ во овој град и во Македонија.

Во деновите што следуваат 24Ракомет ќе почне со одбројување до стартот на турнирот и со секојдневни текстови ќе се обиде да ви ги доближи екипите учесници, нивните очекувања од настапот во Струга, како и очекувањата од претстојната сезона.

Ќе дознаете за историјата на турнирот, за сите победници, за ѕвездите кои се појавиле на теренот во Струга, за посебноста на овој македонски турнир…Интересни детали за поранешните играчи на Струга, за победниците…Секако уште повеќе информации ќе имаме за време на одржување на турнирот, со посебен осврт на натпреварите и преку голем број на видео прилози, фото галерии и интервјуа.

Следете не на нашата страница на Facebook, бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Ќе имаме многу интеракција, гласање, наградни игри…

Со нетрпение го очекуваме почетокот на турнирот, а дотогаш – читајте 24Ракомет…