СТРУГА 2023: Гуиф со пресврт до прв триумф, Струга ќе игра за 5 место

Екипата на Гуиф ја совлада Струга со 23:22 во рамки од второто коло на  51. издание на традиционалиот Струшки турнир. Шведскиот прволигаш и Струга одиграа возбудлив дуел, во кој имаше многу пресврти, но поголема среќа во финишот имаа избраниците на Зоран Рогановиќ.

Ракометарите на Наум Танески одиграа квалитетно во првото полувреме, кое беше проследено со голема неизвесност и борба за секоја топка. Гуиф беше екипата која во најголемиот дел од првото полувреме ја имаше предноста, но немаше голема комоција во играта, бидејќи наиде на цврста одбрамбена зона на домашниот тим.

Највисоката предност на Гуиф во првото полувреме беше два гола разлика (6:4), разлика која беше поставена кон првата половина од првиот дел, но при секој обид на шведскиот претставник да направи исчекор, домаќинте возвраќаа со погодок и резултатот во првите 30 минути најчесто беше нерешен. По борбата во првото полувреме, на пауза се замина со 11:11.

Второто полувреме започна со гол на Струга, која поведе со 12:11, но бргу избраниците на Рогановиќ ја вратија предноста и во 38-та минута по нерешените 14:14  стигнаа до 16:14. Со неколку интервенции на голманот Рикановиќ, односно дисциплинираноста во нападот, тимот на Струга постигна четири гола во низа и во 40-та минута дојде до дотогаш највисоките плус два, 18:16.

 

Струга – ГУИФ Ескулстуна

 

Тимот од Шведска возврати со иста мера, направи серија од 4:0 и дојде до предност од 20:18. Стружани не се откажуваа, израмнија на 20:20, голманот Рикановиќ продолжи со одличната партија меѓу стативите, но ракометарите на Танески не искористија неколку напади за да ја вратат стекнатата предност. Поискусниот тим подобро се снајде во финишот и се израдува на првата победа на традиционалниот турнир покрај езерото.

.

.

Дознајте ги сите новости поврзани со 51. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет.

.
.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!