СТРУГА 2022: Целје убедлив на стартот против Бутел Скопје

На последниот одигран натпревар од првиот ден на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир меѓу екипата на Бутел Скопје и Целје, во рамки од групата А, сосема очекувано триумфираше словенечкиот шампион, со резултат 31:20 (18:8). Целје уште од самиот старт покажа класа против тимот на Бутел, кој одвреме-навреме во првите 30 минути погодуваше во мрежата на противникот.

Избраниците на Алем Тоскиќ победата ја обезбедија уште во првото полувреме. Целје стартуваше со водство од 4:0, потоа имаше и 10:1 и тука веќе беа решени сите дилеми околу победникот на овој дуел. Во последниот период од првиот дел, избраниците на Кристијан Грчевски ја подобрија играта, постигнаа неколку погодоци, но сепак, имаа огромна резултатска негатива.

Ракометарите на Целје секоја грешка на бутелци ја казнуваа со погодок, немаа многу проблеми во нападите, а нивната одбрана функционираше одлично. Ништо не се промени ни во последните пет минути, па така претставникот од Словенија на пауза замина со убедлива предност од плус десет гола разлика, 18:8.

Целје на почетокот на второто полувреме зголеми на максимални плус 11 гола разлика, 19:8 и најави дека ќе оди на уште поубедлива победа. По десет минути игра во вториот дел, резултатот беше 23:11 за тимот од Словенија. При ваков резултат, Тоскиќ и Грчевски ги измешаа своите постави, па така шанса на теренот имаа поголемиот дел од ракометарите од двете екипи.

На моменти во второто полувреме, голманот на Бутел, Филип Ивановски бранеше одлично, но тоа не беше доволно, бидејќи неговите соиграчи во 45. минута имаа негатива од минус 13 гола разлика, 13:26. Во последниот дел од натпреварот немаше поголема промена на резултатот. Шанса на голот на Бутел доби и младиот Наум Симјановски кој собра драгоцено искуство на еден од најдобрите турнири во Европа. Целје со одличната игра против Бутел ја најави кандидатурата за висок пласман на Струшкиот турнир.