СТРУГА 2022: Татран Прешов го освои третото место на Струшкиот турнир!

Во натпреварот за третото место на јубилејното 50. издание за Струшкиот турнир меѓу екипите на Вардар и Татран Прешов, подобар тим беше составот на Татран Прешов, кој триумфираше со резултат 26:24 (17:17). Ракометарите на Татран Прешов по лошата игра во првата половина од првиот дел, заиграа поангажирано во финишот од првото полувреме и успеаја да се вратат во игра, додека во вториот дел имаа целосно контрола на резултатот.

Македонскиот шампион со голот на Филип Талески го отвори натпреварот со 1:0, а избраниците на Радослав Антл со брз погодок израмнија на 1:1. По неколку грешки на Татран Прешов, составот на Вардар со серија од 3:0 поведе со 4:1 во 5 минута. Голманот на Вардар, Мартин Томовски за пет минути успеа да забележи шест интервенции. Со погодоците на Лазаревски и Манасков, „црвено-црните“ дојдоа до највисоко водство од 6:1. Татран Прешов вториот гол го постигна по осум минути игра преку Рабек, но Вардар со првиот гол за Карапалевски повторно имаше плус пет, 7:2.

Следуваше период, во кој Татран Прешов се обидуваше да фати приклучок и да се врати во игра. Вардар не дозволуваше лесни погодоци, играше разновидно во нападите и по петнаесетина минути игра имаше резултатска предност од 10:6. Словачкиот шампион искористи дел од грешките на Вардар и со неколку погодоци намали на два гола негатива, 8:10. Вардар влезе во криза, сѐ почесто грешеше во нападите и на десет минути пред крајот на првиот дел, ракометарите на Татран Прешов дојдоа до израмнување на резултатот, 12:12.

Словачкиот шампион во 24 минута го презеде водството, поведе со 13:12 и целосно се врати во игра за освојување на третото место на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир. До крајот на првото полувреме, двете екипи беа во голема борба за секоја топка, па така се играше гол за гол, без одбрана на двете страни. По нерешениот резултат од 15:15, Вардар се врати во водство со голот на Атанасовски за 16:15. По 30 минути игра, резултатот беше 17:17.

Татран Прешов за неколку минути игра во второто полувреме дојде до водство од два гола разлика, 19:17. Вардар беше под психолошки притисок за камбек во натпреварот и мораше да одигра подобро во одбраната, со цел да се врати во дуелот со претставникот од Словачка. Во составот на Вардар шанса во второто полувреме доби кадетскиот репрезентативец на Црна Гора, Андреј Добрковиќ, кој го одржуваше македонскиот шампион во игра.

Струга 2022: Татран – Вардар за 3 место

Во 45 минута, Антл со првиот гол му донесе на Татран Прешов највисоки три гола предност, 23:20. При водство на Татран Прешов од 23:21, избраниците на Владо Недановски пропуштија неколку шанси за минус еден гол разлика. На влезот на завршните десет минути, резултатот беше 24:22 за екипата од Словачка.

Вардар со погодоците на Атанасовски и Чувара конечно дојде до минус еден гол разлика, 24:25 во 53 минута. Ракометарите на Антл ја задржаа предноста во последните минути и не дозволија Вардар да направи камбек на натпреварот. Вардар имаше неколку шанси да се врати во игра, но големиот број на технички грешки и промашените удари на празна мрежа беа причина за минималниот пораз.