СТРУГА 2022: Прв бод за дебитантот – доволно за меч за петто место

Тимот на Алкалоид го освои првиот бод на турнирот во Струга, играјќи нерешено со Бутел, 26-26 (13-14) што им беше доволно на крајот да го освојат третото место од групната фаза. Тие утре на финалниот ден ќе играа за пласман и борба за петтото место од 17,15 часот. Бутел како последно пласиран во групата ќе се бори за семото место во утринскиот термин од 10,30 часот во салата во „Нико Нестор“.

Ова беше дуел за избегнување на последното место во групата Б. Во натпревар во кој не недостасуваше борба во првиот дел и беа поделени три црвени картони, од нив два директни, македонските екипи на жешкиот терен во Струга покажаа борбена игра и добар ракомет.

Бутел се прикажа во подобро издание за разлика од првите два натпреварот, одбраната делуваше поквалитетно,а пожртвуваниот голман Блажевски имаше неколку одлични интервенции на почетокот на натпреварот. Двете македонски екипи понудија неизвесен и интересен почеток на натпреварот, во кој Бутел ја презема контролата над резултатот и поведе со 4-1. Избраниците на Кирил Лазаров успешно им парираа на противниците во продолжение па разликата остана непроменета по 10 минути игра.

Средината на првиот дел ја одбележаа младите ракометари од Автокоманда, неколку грешки на ракометарите на Бутел и предноста се претопи на минимален гол разлика 6-7. Но бргу следуваше одговор на спротивната страна, во периодите кога имаше играч помалку ракометарите на Алкалоид, Бутел повторно ја врати предноста од почетокот на натпреварот, а до 18. минута ја достигна и највисоката предност од „плус четири“ 6-10. Израмнетиот квалитет на двете екипи се покажа клучен во финишот на првиот дел кога сино-белите ја вратија минималната негатива, разлика со која двете екипи заминаа на пауза 13-14.

По паузата Алкалоид за прв пат го израмни резултатот по воведните 1-1, овојпат на 14-14. Следуваше период на израмнета игра во која двете екипи се менуваа во водство, но дури во 47. минута Мајиќ повторно го врати Бутел на два погодока за 20-18. Но ниту тоа не беше гаранција за победа, Алкалоид по две минути го израмни резултатот, а во 52. минута Ѓоргиев повторно ги врати „сино-белите“ во водство кое минута подоцна порасна во највисоките „плус два“ за 23-21.

Неизвесноста продолжи и во финишот на дуелот, Бутел го израмни резултатот на четири минути до крај преку Јевтиќ. Во последната минута Бутел зголеми на 26-25 и имаше резултат што им одговараше и чекор до прв триумф. Во последните десет секунди Алкалоид се избори за пенал, а сигурен реализатор беше Божидар Илиески. Реми што им беше доволно да го избегнат последното место во групата.

Најпрецизен на теренот беше Мајиќ со 11 погодоци, го следеше Јевтиќ со 6 погодоци. Кај Алкалоид најпрецизен беше Серафимов со 6 голови, а го следеа Ѓоргиев со 4 и Стојков и Ивановски со по три гола.