СТРУГА 2022: Грците со пофалби – Едвај чекаме да играме на еден од најдобрите турнири во Европа

Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!

Еден од странските тимови што се закитиле со трофеј на Струшкиот турнир е грчкиот вицепрвак АЕК Атина. Турнирот во Струга ќе биде вистински тест за избраниците на Алексис Алванос пред стартот на грчкиот шампионат, кој ќе започне кон средината на месец септември, а во првото коло клубот од Атина за ривал ќе го има актуелниот шампион, Олимпијакос.

Тренерот на АЕК Атина, Алексис Алванос истакна дека неговиот тим има убави спомени од Струга. АЕК Атина во 2019 година при првото учество го освои трофејот на Струшкиот турнир, откако во финалето го совлада Еурофарм Пелистер со 27:23.

,,На овој турнир ќе го тестираме нашиот тим против силни противници и ќе се подготвиме уште подобро за стартот на грчкото првенство каде во првото коло играме против Олимпијакос. Во Струга ќе дојдеме со полн состав. Имаме убави сеќавања од 48-то издание на Струшкиот турнир кога го освоивме трофејот. Со големо задоволство ја прифативме поканата од организаторот и со нетрпение очекуваме да дојдеме во Струга, да се сретнеме со нашите пријатели и да играме на турнирот што е меѓу најсилните во Европа. Што се однесува до групата, мислам дека се работи за силна група, со екипи кои се натпреваруваат во Лига на Европа, како Еурофарм Пелистер и Татран Прешов, кои исто како нас, имаат нови играчи во своите состави, но и домаќинот ќе сака да оствари добри резултати пред својата публика”, изјави Алванос.

АЕК Атина претрпе голем број на промени во играчкиот кадар, дојдоа неколку нови ракометари, меѓу кои и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ, па така Струшкиот турнир ќе биде искористен за проверување на силите и воигрување на екипата. Ова година вицепрвакот на Грција на Струшкиот турнир ќе биде во група заедно со словачкиот Татран Прешов, домаќинот Струга и Еурофарм Пелистер.
Според предводникот на АЕК Атина, тимовите кои порано започнаа со подготовките за новата сезона, ќе имаат поголема шанса да го освојат трофејот на Струшкиот турнир.

,,Всушност, на ова издание имаме осум силни тимови. Не можам да именувам фаворит за трофејот, но мислам дека тимовите кои порано ја започнаа претсезоната имаат мала предност да го освојат трофејот. Ние направивме нов тим оваа сезона, откако го загубивме првенството и Купот изминатата сезона. Ангажиравме многу нови играчи, со цел да ги освоиме двете грчки натпреварувања и да ги искористиме нашите шанси во ЕХФ Купот. Сигурен сум дека имаме квалитет да го направиме тоа и ќе работиме напорно за да ги оствариме зацртаните цели”, заврши Алванос.

Капитенот на АЕК Атина, Панајотис Николаидис изјави дека со неговите соиграчи со нетрпение го очекуваат настапот на Струшкиот турнир.

,,Струшкиот турнир е секогаш голем предизвик за екипите учесници. Ние сме нов тим и игрите на овој турнир ќе ни дадат шанса подобро да се запознаеме. Бевме во Струга во 2019 година и го освоивме турнирот уште при првото наше учество. Тоа е еден од најдобрите ракометни турнири во Европа и со нетрпение очекуваме уште еднаш да играме на овој голем ракометен настан. Сите играчи веќе се возбудени што ќе играат против Еурофарм Пелистер и Татран Прешов, исто така и против Струга. Групата е навистина тешка и мислам дека сите фанови ќе уживаат на натпреварите на турнирот”, изјави Николаидис.

Искусниот ракометар смета дека нема истакнат фаворит за годинешното издание на Струшкиот турнир поради големите промени кои ги направија екипите учесници.

,,Ќе биде навистина тешка конкуренцијата. Тешко е да се прават прогнози за фаворитот бидејќи речиси сите тимови имаат многу нови играчи за новата сезона. Што се однесува до нашите цели на домашна сцена, тие секогаш се освојување на двете титули во Грција. Тоа значи дека имаме исти цели за претстојната сезона и целта во ЕХФ Купот е да одиме колку што е можно подалеку. Нашиот нов тим има навистина добри играчи кои можат да ги остварат амбициите на клубот”, заврши Николаидис.

СТРУГА 2022: АЕК Атина – амбициозниот грчки вицепрвак доаѓа по нов трофеј

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.