СТРУГА 2022: Вардар со победа ја започна одбраната на титулата

Вардар ја запиша првата победа во премиерниот натпревар на јубилејниот 50-ти струшкиот турнир против новиот суперлигаш Алкалоид со 24-22(12-10) во рамките на вториот натпревар на првиот натпреварувачки ден. Натпреварот го означи првиот официјален натпревар во кариерата на актуелниот македонски селектор Кирил Лазаров кој за прв пат ќе предводи клупа на еден клуб, РК Алкалоид.

Вардарци уште на самиот почеток врзаа два погодока во низа, но новиот суперлигаш бргу возврати и го израмни резултатот. Следуваше нов период каде Вардар беше на своето ниво во одбрана, па трите погодоци на македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски го одведоа актуелниот македонски шампион на плус три по десет минути игра.

Во средина на вториот дел „црвено-црните“ ја зголемија предноста на пет голови (10-5), два погодока кои до крајот на првиот дел избраниците на Кирил Лазаров ги анулираа. Финишот на првиот дел го искористија за да фатат резултатски приклучок и на пауза да заминат со негатива од два голови 12-10.

СТРУГА 2022: Вардар – Алкалоид

Вториот дел започна фуриозно за фармацевтите. Во 33. минута го израмнија резултатот на 12-12, а минута подоцна поведоа со 13-12 за прв пат на овој натпревар. Но ракометарите од Автокоманда не успеаа да го задржат водството, Вардар промени брзина, а македонските репрезентативци Талески и Стоилов, ги вратија „црвено-црните“ на безбедна предност од два гола, 15-13. Но Алкалоид не се откажа до 41. минута повторно го израмни резултатот, пред сè благодарение на одличните интервенции на голманот Трајковски.

Израмнетата игра продолжи и во средината на вториот дел, а Вардар одржуваше минимална предност. Во овој период одлични беа голманите на двете страни и ги одржуваа шансите на своите екипи. Во период кога Алкалоид играше без голман, Томовски успеа да го постигне вториот погодок, прв во вториот дел и да го донесе Вардар на „плус два“, а на шест минути до крај Талески ги врати трите гола предност 23-20. Избраниците на Кирил Лазаров имаа можност повторно да фатат резултатски приклучок, откако Никола Марковски ја врати минималната негатива, а Благојче Трајковски со одлична интервенција го скроти ударот на Куни Моралес.

Ракометарите на Алкалоид не ја искористија првата шанса, а по грешката во нападот на Вардар, имаа и втора шанса но по тајм-аутот на Лазаров не успеаа да реализираат, а Стоилов ја потврди победата на Вардар за конечни 24-22.