Струга го задржа средниот бек – нов договор за Савески

Средниот бек Бобан Савески, кој може да одигра и на другите бековски позиции, го продолжи договорот со неговиот матичен клуб Струга.

Младиот ракометар во минатата сезона се покажа во солидно светло и дадената минутажа целосно ја оправда.

Струга во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе има подновен тим. Од клубот си заминаа Никола Цветаноски (Прилеп), Петар Маркоски (Еурофарм Пелистер 2), Богдан Ѓуровиќ (Зубри) и Урош Лазаревиќ.

Клубот го продолжи договорот и со босанскиот интернационалец, голманот Дејан Рикановиќ, додека ново име е екс ракометарот на Еурофарм Пелистер 2, Мерис Бошњак.

Струга е во преговори со „своите“ деца Златко Мојсоски и Велко Маркоски, како и со искусниот лев бек Јовица Младеновски.

Ривали на Струга во новата сезона од групниот сегмент во Супер лигата се Куманово, Тиквеш, Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2, Аеродром и Охрид.