Стојановски: Не е мала работа oва што го направивме, зад нас се Шведска, Исланд, Црна Гора…

Машката кадетска репрезентација на Македонија денес на последниот дуел од главната фаза на Светското првенство славеше победа против Австрија од 29:22 и ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место.

Македонија до победата против Австрија дојде со одличната поставена одбрана, која преовладуваше во текот на целиот дуел.

Избраниците на Раде Стојановиќ не дозволуваа лесен продор на нивните врсници од Австрија и во секој сегмент од играта успеаја да ги надиграат.

Иако има уште два меча до крајот, капитенот на Македонија, Андреј Стојановски, ги сумираше своите впечатоци за настапот на СП.

„После дуелот со Данска веднаш почнавме со подготовките за Австрија. Противникот ни беше познат, игравме со Австрија во декември минатата година на турнир во Германија, се подготвувавме, знаевме кој се нивните јаки страни. На почетокот на дуелот можеби имавме мал проблем со нивниот напад, но потоа се консолидиравме и изигравме максимална одбрана во првото полувреме. Можевме на полувремето да имаме и поголема разлика. Во вториот дел дојде до израз нашата игра со добро поставената одбранбена зона 5-1..Мислам дека одбраната беше клучот на овој натпревар што дојдовме до многу важна победа, победа со која ќе разигруваме за пласман од 9 до 12 место”, изјави Стојановски за 24Ракомет.

Левиот бек смета дека пресудно за поразот од првиот дуел со Норвешка биле направените грешки, но истакнува дека не е мала работа да се стигне меѓу најдобрите 12 репрезентации на кадетскиот Мундијал.

„Ние за Норвешка се подготвуваме многу долго, уште од почетокот на подготовките, но тоа е спортот. Можеби ни недостасуваше искуство повеќе, но техничките грешки си го направија своето. Ние немаме за што да жалиме, ние дојдовме овде од Б шампионат, кој го освоивме, покажавме колку јака репрезентација сме, со препознатлив стил во напад, одбрана…Не е ни мала работа да се стигне до 9 -12 место од 32 репрезентации, зад себе ги оставивме една Шведска, Исланд, Црна Гора, ние достојно ги браниме боите на Македонија и до крај така ќе биде”, заврши Стојановски за 24Ракомет.

За Македонија следува ден одмор пред разирувањето за пласман од 9 до 12 место на Светското кадетско првенство.

Македонија покажа сила против Австрија, го потврди местото во ТОП 12 на СП

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!