Македонија покажа сила против Австрија, го потврди местото во ТОП 12 на СП

Машката кадетска репрезентација на Македонија ја запиша третата победа на Светското првенство во Хрватска, откако славеше против Австрија со 28:22 во рамки од последното коло од главната фаза.

Македонија со победата над Австрија заврши на 3. позиција во групата Ц и ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место на кадетскиот Мундијал.

Во првите 15 минути од дуелот се играше израмнето, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство и ниту една од нив не успеа да направи поголема разлика од еден гол. По предноста на Австрија од 5:4, избраниците на Раде Стојановиќ најпрво израмнија на 5:5, потоа со уште два гола во низа, кои беа дело на Белистојаноски и Марко Стојановски, се одлепија на плус два, 7:5.

Од тој момент, па до крајот, кадетите на Македонија беа поконкретни на теренот, ја зголемија разликата во своја корист и рутински ги одработија последните десет минути од првото полувреме. Австрија немаш расположени поединци, сите пет гола во првата половина од првиот дел беа дело на пет различни ракометари, додека во таборот на Македонија разиграни беа Белистојаноски и Калајџиески.

Македонските кадети пред крајот на првиот дел целосно ја надиграа Австрија, во последните пет минути постигнаа неколку брзи гола и дојдоа до убедливо водство од 14:8 на полувреме. Овие шест гола разлика беа солиден капител за во 30 минути.

Репрезентацијата на Австрија се обидуваше да фати приклучок во вториот дел, дојде до негатива од минус четири, 18:13, но немаше сили да направи нешто повеќе. Во 43-та минута предноста на Македонија беше 19:15. И во последниот дел немаше поголема закана од страна на австриските кадети.

Македонската репрезентација воспостави целосна контрола врз играта и резултатот, ги казнуваше грешките на ривалот и успеа да дојде до поубедлива победа со која се избори за трето место во својата група и пласман меѓу најдобрите 12 репрезентации на светот.

Најефикасни во Македонија со по шест погодоци беа Ненад Белистојаноски и Мирче Калајџиески.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!