Стојановиќ: Чест ни е што во Струга ќе играме против актуелниот првак на Европа

Екипата на Охрид веќе десет дена работи на подготвувањето за новата сезона така што полека се влегува во следната фаза во која може да се очекува и засилување на ритамот.

Тренерот на охриѓани, Раде Стојановиќ засега е задоволен од тоа како се тренира и вели дека ќе им даде можност на сите момци да уживаат за време на турнирот во Струга.

„Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките. Се гледа дека момците работеле во текот на паузата и дека дојдоа со одредено ниво на подготвеност. Затоа можам да бидам задоволен од досега сработеното. Сега ни следува турнирот во Струга, но таму првата цел ни е да уживаме. Уште не сме почнати на тактичко-технички план така што допрва ќе работиме на тој дел. За нас претставува голема чест да бидеме во иста група со Вардар и да играме со актуелниот првак на Европа така што ова ќе биде турнир за уживање за сите момци“, изјави Раде Стојановиќ.

Воедно потврди и дека новиот ракометар од Србија, пивотот Игор Чагаљ пристигнал во Охрид добро подготвен така што брзо се адаптирал на тренинзите.