Стигна потврда: Ф4 во СЕХА вторпат ќе се игра во Задар!

Десеттата сезона од регионалната СЕХА лига не заврши во април или мај како што беше случај осум пати досега.

Исто како и лани, така и оваа сезона, завршниот турнир на СЕХА лигата ќе се игра во септември на истото место. Од 3 до 5 септември најдобрите четири екипи во оваа конкуренција ќе се соберат во хрватскиот град Задар, а оваа информација беше потврдена на веб-сајтот на лигата.

Титулата од лани ја брани Веспрем, кој ќе стартува од четвртфиналето, а тие натпревари ќе се играат од 21 до 31 август.

Двата македонски тима Вардар и Еурофарм Пелистер се во игра за место во Задар. Вардарци ќе се соочат со Загреб на 26 и 31 август, додека битолчани ќе играат со Мешков Брест во четвртфиналните дуели на 21 и 29 август.