Стефан Крстевски: Со нас сè е можно, против најдобрите секогаш играме најдобро

Како одминува времето од есенската полусезона во Супер машката лига така тимот на Работнички како да се разигрува и делува сè подобро на натпреварите. Момците предводени од Петрушевски покажуваат дека можат многу повеќе, а тоа го потврдија на дуелите против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер.

Веќе е најавена кандидатура за пласман во плеј-офот што носи директен опстанок во Супер лигата за следната сезона. Како што стојат работите во моментов Работнички има шанси да успее во намерите, но ќе треба добро да се одработи во следниот период.

Еден од играчите кои и во минатите години беше меѓу најефикасните во редовите на Вардар јуниор, а и сега во Работнички, Стефан Крстевски годинава игра во одлична форма.

Се работи за еден од оние ракометари кои прават разлика на теренот, а тоа се виде и на претходните дуелите за тимот на Работнички.

„Задоволен сум од играта која ја прикажувам сезонава. Секогаш може подобро и се надевам дека како ќе одминува времето така и мојата форма уште повеќе ќе расте“, вели Крстевски за 24 Ракомет.

Смета дека пропуштиле бодови во досегашниот дел од сезоната со кои ќе биде многу поблизу до плеј-офот.

„Можевме да одработиме многу подобро. Пропуштивме да освоиме три бода на дуелот против Прилеп и тоа на домашен терен. Загубивме на наши грешки на таа средба. Со тие три поени ќе беше далеку подобро. Секако и плеј-офот ќе ни беше многу поблизу, а сега ќе ни биде доста тешко да го оствариме зацртаното“.

Колку може оваа екипа се виде на дуелите против Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер односно на тие два дуели се виде дека можат да победуваат и против посилните на хартија.

„На тие две средби изгледовме да ја одиграме нашата игра. Не гледавме на резултат и едноставно сакавме само да играме. Така дојде и мотивацијата на тие два натпревари, а така дојдоа и победите. На теренот делувавме одлично и бевме сите за еден, заедно со тренерот и на крај излезе одлично. Откако го победивме Бутел на следниот натпревар против Еурофарм Пелистер имавме и поголема самодоверба и верувавме дека можеме до уште една победа. Кога сега ќе се навратам на дуелот против Бутел тоа беше вистинско лудило“.

Сега следуваат нови предизвици во кои ќе мора да се одиграат уште четири натпрефвари.

„Мораме да продолиме во иста форма како и досега. Само ако одиграме така можеме и да победуваме. На домашен терен мораме на победа против секого. Сепак, прво мораме во вторник против Прилеп. Сметам дека имаме шанси и искрено мислам и дека ќе победиме“.

Потоа во „Јане Сандански“ треба да гостува тимот на Металург. И ова ќе биде интересна средба на која ќе мора да се влезе максимално.

„Со нас секогаш сè е можно. Ние со најдобрите играме најдобро, а со полошит тимови играме лошо. Тоа го покаѓавме и во минатите сезони, а го покажуваме и сега“.

Во својата кариера тој има настапи и за првата екипа на Вардар.

„Јас уште сум играч на Вардар. Оттаму се надевам дека еден ден ќе добијам шанса да заиграм повторно во првиот тим. Работам напорно за да може да ми се оствари оваа желба“, вели Крстевски за 24 Ракомет.

Тој е еден од поефикасните играчи и ракометар од кој се чекаат голови на секој натпревар односно играч од кој се очекува да повлече секогаш кога е тешко.