Стефановски: Ќе бидам среќен ако за неколку години создадеме 7-8 играчи со европски квалитет

Легендата на македонскиот ракомет и на ракометот во Битола, Стевче Стефановски, од пред извесно време се најде на многу одговорна позиција во тимот на Еурофарм Пелистер. Тој доби задача да ја води и координира младинската школа на овој тим и под негово водство во иднина ќе се раѓаат новите таленти на македонскиот ракомет.

Битола е град кој е познат по тоа што голем дел од репрезентативците доаѓаа од овој град, но во последните години ова се загуби. Затоа сега Еурофарм Пелистер со ангажирањето на Стефановски и неколку други поранешни ѕвезди на клубот одлучија одново да вложат во познатата школа и повторно талентите да се појават на дело.

Стефановски е добро познат по тоа што беше еден од главните во успесите на Пелистер во минатото кога го бранеше голот. Тој беше дел и од репрезентацијата на Македонија на првото учество на ЕП во 1998 година, а во 1999 година беше и селектор. Беше дел од легендарните настапи на Пелистер, зад себе има и селекторско искуство, тренерско а во еден период беше и претседател на клубот од Битола.

„Во еден клуб од кој било спорт срцето на клубот се младинските категории, а се младинската, кадетската и пионерската екипа. Доколку имаш квалитетна школа тогаш го имаш срцето на клубот, а тоа веќе се докажа во Хрватска, Словенија и Србија. Ако имаш квалитетна школа тогаш продуцираш кадри и така се пополнува сениорскиот погон. Штом ќе најдете спонзор или сте успеале да најдете средства, тогаш купувате 4-5 странци и така добивате врвна екипа. Кога ќе ги снема тие извори на финансиски средства со добра школа клубот никогаш нема да падне на гранки да не постои како што тоа се случи на пример со Кометал Ѓорче Петров.  Eдна од причините што ми пречи во Еурофарм Пелистер е што во првата и во втората екипа немаме по десет играчи од Битола, кои би ги надополниле со странци“, вели во интервју за 24 Ракомет, директорот на школата на Еурофарм Работник, Стефче Стефановски.

Тој вели дека негова задача е исклучиво раководењето на школата и носењето одлуки околу младите ракометари.

„Во договор со спонзорот и на неколку наврати кога разговаравме барав да бидам задолжен исклучиво за школата од двата клуба и сите да бидат под моја надлежност бидејќи не сакам да зборувам од страна туку сакам практично да бидам дел од ова. Сакам за 3-4 години, што е минимален период за реализација на некоја идеја, заедно со тренерскиот кадар во овие категории во клубот, да видам колку играчи ќе излезат од школата. Да видам млади играчи кои ќе можат да дојдат до врата на првиот тим. Ако успееме со 7-8 играчи ќе бидам пресреќен. Но не зборувам за 7-8 играчи на домашно ниво, туку во европски рамки. За играчи кои не само што ќе го пополнуваат бројот во клубот туку ќе бидат носители. Затоа инсистирав и сакав да бидам исклучиво задолжен за младинската школа“.

Условите кои ги постави на состанокот со раководството се прифатени, па тој дефинитивно ќе успее да го спроведе на дело сето она што го има замислено.

„Јас секако сум во одборот на директори во клубот и ќе бидам во допир со проблемите и на двете екипи. Ја имам главната задача во оваа поставеност, а имам осум соработници кои се поделени во категории од пионери до младнци од 7 до 18 години и сите сме со една иста идеја, а таа е да продуцираме играчи од европски квалитет. Имам потполна поддршка од сите во клубот. Барав самостојност во носењето на одлуки како во тренерскиот кадар така и за играчи и миграција од една во друга категорија. Таа беше една од првите работи и услови во она што го барам што и како ако барам таква слобода и носам таква одговорност и после четири години никој да не може ништо да каже зошто сме произвеле или не сме произвеле толку  играчи“.

Работата на младинска школа е одговорна, а тој вели дека е добро запознаен со она што ќе треба да се сработи и со она што се очекува од него за да може да се имаат новите Лазаров, Мојсовски, Ангелов…

„Веќе почнавме во четвртокот со процесот на селекција. Кадетите и младинците почнаа да работат во крос фит и на отворено. Ова се претподготовки што ме радува бидејќи беше време да се реактивира работата со тие категории после неколку месеци пауза. Сум бил дел од тимот во кој биле играчи кои беа носители на репрезентацијата почнувајќи од Лазаров, Стојановиќ, Ангелов наваму, па сè до Мојсовски, Митков, Јоноски… како во изборот така и во самиот тренажен процес и знам каква макотрпна работа е и што нè чека. Подготвен сум на тоа. Знам дека ова еден ден ќе ни се врати и ќе ни се исплати. Сигурен сум дека ќе биде добро и позитивно. Основната идеја водилка била и ќе биде дека Битола имала таленти, но и понатаму има. На мене и на соработниците е да го омасовиме сето ова. Прво да имаме повеќе играчи кои ќе тренираат во клубот. Тоа е првата цел. Затоа ги повикувам сите што сакаат да тренираат да се јават во клубот и да се информираат кога, како и каде да се запишат и да бидат информирани за натамошниот тек. Она што го следам неколку дена и што можам да го видам од квалитетите што располагаат впечатоците се позитивни. Од она што го видов од физичките предиспозиции има материјал и може да се работи, но на клубот е да овозможи услови, а на тренерите и на мене да овозможиме да се унапредат во ракометната игра и да дојдат до место да затропаат на вратата на првиот тим“.

Неговиот тим ќе го сочинуваат поранешни ракометари на клубот кои се одлично познати на македонската спортска јавност.

„Во тренерскиот кадар доволно зборуваат имињата на Александар Зарков и Михајло Силјанов кои ќе бидат задолжени за младинскиот тим. Тие ќе бидат дел од категоријата на играчи кои би тропале на вратата на првата екипа или на вториот тим на Еурофарм Пелистер. Зад нив ќе бидат Фарук Мемиќ и Александар Марковски. Тука се и Игор Николовски, Кире Поповски… имаме осум тренери кои ќе имаат шанса да работат. На првиот состанок кажав да се спроведува она што ќе го договориме, а ќе имаме состанок и на 16 или 17 јули кога ќе треба да достават програма. Ќе треба да го кажат своето размислување како да се развива школата и како да се тренира. Во соработка со мене на заеднички состанок ќе треба таа програма да ја пуштиме низ филтер“.

Веќе ги има запознаено во клубот што е потребно и има добиено ветување дека ќе ги има најдобрите услови што се потребни.

„Програмата мора да помине низ мои раце и да видиме што е тоа што ќе го подобриме и што ќе исфрлиме. Ова мора да биде препознатлива школа која била во Пелистер и во минатото. Беспрекорно технички подготвени играчи, со душа и срце приврзани за клубот. Потребни ни се што повеќе натпревари од пионерска до младинска категорија. Тука мислам на натпревари и под организација на РФМ, но и меѓународни средби. Тоа треба да го договориме со бордот на директори и секако да добиеме адекватни сали за работа и реквизити и услови. Имам и ветување и практична работа од сите во клубот дека ќе се овозможат тие услови“.

Она што секогаш го поставуваше како тренер кога имаше високи критериуми и сега ќе биде актуелно кога е поставен на еднакво одговорна функција.

„Моите критериуми се високи како кон себе така и кон сите кои работат со мене. Играчите кои ќе дојдат до прва екипа  мора да се на ниво од европски ранг. Морам да кажам дека е многу унапредена работата во клубот. Се посветува многу внимание. Го прочистувавме тоа што јас го барам и што клубот може да го оствари. Ако 80 проценти се оствари од тоа што го договоривме ќе бидам пресреќен и ќе биде одлично“.

Стефановски имаше искуство и како претседател на Пелистер пред неколку години, па добро му е познато што значи да се организира и води еден ваков голем тим.

„Последниот пат кога бев претседател на клубот, тој ни беше оставен со тројца младинци и со долг од 40.000 евра за една година. Успеавме да се вратиме и стигнавме до 3. место и до пласман во Купот на ЕХФ. Ги познавам проблемите со европскиот ракомет и условите. Според последните сознанија кои ги имам, преговорите да се земе салата и да се реновира сè во поодмината фаза. Во каков обем не навлегувам и не знам. Пандемијата ја успори целата акција, а натпреварите кога тогаш мора да продолжат. Имам разговори за уште една сала во Битола која би ја зел спонзорот за да ја реновира од корен со паркет и сè што е потребно и би служела за младинските категории и за првиот тим за тренинзи.  Сепак, ова е работа на претседателот и тој знае на колку години би било тоа и под какви услови условите, но дека има сериозни размислувања и дека разговорите се во поодмината фаза тоа е факт“.

Инаку, за да може да се извршуваат тренинзите вели дека е потребно да имаат 3-4 сали во кои ќе можат да тренираат.

„За да можеме оптимално да работиме потребни ни се 3-4 сали. Меѓутоа, не во салата да биде -15 или -20 степени бидејќи тоа не се услови. Ни требаат 3-4 термини неделно за пионерските состави, 5-6 за кадетските и 7-8 за младинските екипи. Ни требаат голем број термини и затоа ни требаат 3-4 сали. Би сакал да имаме околу 200 деца во школата во сите категории на почетокот на септември.  Ќе видиме со колку деца располага градот, а на нас е што повеќе деца да привлечеме во ракометот. Прво на почетокот енергијата ќе биде насочена кон масовност кај најмалите. Што помасовно и што повеќе да ги донесеме на тренинзи. Јас никогаш не сум бил само на збор, повеќе сум сакал кога работите се случуваат на дело“.

Секако, има и свое видување на тоа како би требало да изгледа воведувањето на најмалите во светот на ракометот, но и како децата да се привлечат во што поголем број бидејќи во Битола и фудбалот и кошарката исто така се популарни.

„Сметам дека е добро да се тргне агресивно и преку мини ракомет да се анимираат најмалите. Tреба да им се всади љубовта кон спортот и играта на прво кон спортот, а потоа и кон ракометот. Колку подобри резултати има толку и ќе има и повеќе деца. Во тој поглед мораме повеќе да работиме. Преку маркетинг, привлекување и состаноци со наставниците. Тоа ќе биде моја задача. Со наставниците во основните и средните училишта и нивни укажувања на децата кои може да дојдат да тренираат. Потребна е активна работа, а не само збор“.

Направи и интересна споредба за неговото време, како тој и неговите врсници биле бирани за да дојдат до место во екипата на Пелистер.

„Во мое време беше потешко. Тогаш имаше градска лига и имаше 12-14 клуба, кои егзистираа на подрачјето на град Битола. Имаше по 10-15 играчи во секоја екипа и тоа беа над 100 ракометари. Не беа младински тимови туку клубови. Тие таленти излагаа на виделина. Многу полесно е да се видат кога се играат натпревари отколку на час по физичко. Тогаш сум сигурен бидејќи го почувствував на свој грб. Oд таа градска лига тогаш излегоа најквалитетните ракометари кои играа во Пелистер. Сега не треба да се прави одново таа лига, сега можеме да ги анимираме младите на ниво на училишта. Можат да играат многу натпревари, а јас сакам да ги приклучам и школите на ниво на Битола за да има постојано натпревари кои ќе бидат под мој надзор и под надзор на тренерите во клубот за да можеме најдоброто да го извлечеме за првиот тим“, вели Стефче Стефановски во интервју за 24Ракомет.