Стевче Алушовски не е повеќе тренер на Еурофарм Работник!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник во продолжение од сезоната ќе има нов тренер. По неколку порази во серија во регионалната СЕХА лига и во Лигата на шампионите, раководството на битолскиот клуб се реши за промена во стручниот штаб.

Битолскиот клуб на социјалните мрежи ја соопшти одлуката за разделба со тренерот Стевче Алушовски.

„Управата на РК Еурофарм Работник денес спогодбено ја прекина соработката со досегашниот прв тренер на клубот г-дин Стевче Алушовски. На вечерашниот состанок заеднички е констатирано дека во интерес на клубот и понатамошните настапи на екипата во ЛШ и СЕХА лигата најдобро е да дојде до прекин на соработката.
Управата на РК Еурофарм Работник му се заблогодарува на досегашниот ангажман на г-дин Стевче Алушовски, му посакува многу здравје и понатамошни спортски успеси“, напишаа од битолскиот клуб.

За Еурофарм Работник до крајот на годината останува да ги доигра последниот натпревар од Лигата на шампионите против шпанската Бидасоа, како и трите меча од регионалната СЕХА лига против Загреб, Спартак Москва и Веспрем.

Алушовски на клупата на битолчани дојде во текот на минатата сезона, кога тимот играше во групната фаза од ЕХФ Купот. Во домашниот шампионат, Еурофарм Работник под негово водство ја освои вицешампионската титула и обезбеди место во регионалната СЕХА лига, а доби и вајлд карта за учество во Лигата на шампионите.