СП кадетки: Данска и Јужна Кореја ќе се борат за трофејот на Мундијалот во Македонија

Репрезентациите на Данска и Јужна Кореја ќе играат за првото место на Светското првенство за кадетки во Македонија, откако во полуфиналните дуели беа подобри од Холандија, односно Унгарија. Токму двете репрезентации играа финале на првото издание на кадетскиот Мундијал, кој се одржа во 2006 година и на кој Данска триумфираше со 36:33.

Данска во денешното прво полуфинале славеше убедливо против Холандија, 37:21, а победникот беше познат по првите 30 минути кога ракометарките на Данска на пауза заминаа со позитива од плус осум гола разлика, 21:13.

Во неизвесен натпревар, Јужна Кореја ја совлада Унгарија со еден гол разлика, 30:29 (17:16). За Јужна Кореја ова ќе биде второ финале и можност конечно да го освои златниот медал. За бронзениот медал ќе се борат репрезентациите на Холандија и Унгарија.

Полуфиналето и финалето ќе се одиграат на 10 август во СЦ „Борис Трајковски“. Натпреварот за трето место меѓу Холандија и Унгарија ќе се одигра со почеток од 16:00 часот, додека финалето меѓу Данска и Јужна Кореја ќе стартува во 18:15 часот. Влезот за сите натпревари е слободен.

На 10 август ќе се одиграат и натпреварите за 5 и 7 место. За 5. позиција на Светското првенство ќе се борат репрезентациите на Франција и Шведска, а за седмото место Египет и Исланд.