Спортинг го шокираше Порто по 80 минути игра и го грабна трофејот во Купот!

Тимот на Спортинг Лисабон е освојувач на трофејот во Купот на Португалија, откако во финалето го совлада Порто на Никола Митревски со 36-35 дури по четири продолженија од по пет минути.

Порто имаше предност од плус три пред крајот, 24-21, но Спортинг Лисабон израмни набрзина, 24-24, а потоа и поведе со 25-26. Порто израмни преку Ареиа, а во последниот напад Спортинг упати шут, но голманот Франдсен го одбрани и мечот отиде во продолженија.

Во финишот на второто продолжение, Порто водеше со плус два, 30-28, но ниту тоа не беше доволно. Спортинг казни со два гола, а оној гол за реми, 30-30, беше дело на Шенгарт во последната секунда, па мораше да се играат уште две продолженија.

Спортинг се одлепи на 31-33 во третото продолжение, имаше напад за плус три, но Митревски, кој во меѓувреме застана на голот на Порто, не дозволи. Ареиа намали на 32-33, но врати и Гасама за 32-34 за Спортинг.

Во последната минута Спортинг влезе со водство 34-36, Ареиа намали од пенал на минус еден, но избраниците на Рикардо Коста ја задржаа топката во последните триесетина секунди и успеаја да слават со гол разлика, 35-36.