Со Гаџа во Вардар доаѓа уште еден „плинар“!

Откако беше потврдено дека Анте Гаџа е нов ракометар на Вардар, стана јасно дека од Загреб во Скопје се сели уште еден ракометар – десниот бек Јосип Векиќ.

24Ракомет пред една седмица објави дека преговорите со Векиќ беа започнати, а сега се веќе финализирани и познато е кој ракометар ќе му прави друштво на Јагуриновски на десната бековска позиција.

Векиќ играше во Загреб во првата полусезона во Лигата на шампионите и постигна три погодоци, а вториот дел го мина на позајмица во Дубрава. Во регионалната СЕХА, „плинарите“ не го пријавија десниот бек.

Тој има 22 години, висок е 210 сантиметри и тежок 100 килограми, а Лино Червар го вметна на списокот пред Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска  по повредите на Мартиновиќ и Шебетиќ, но во последен момент се реши да оди на собирот само со Лука Степанчиќ.

Претходно Вардар го засилија Јагуриновски, Кантегрел, Талески, Георгиевски и Гаџа, а покрај Векиќ, европскиот првак ќе донесе уште по еден ракометар на сите три надворешни позиции.