Солидно полувреме за Металург, со минус четири на одмор против Чеховски медведи

Ракометарите на Металург одиграа добро прво полувреме, но и покрај тоа што успеваа да му парираат на противникот на пауза имаат негатива четири гола и резултат од 17:21 против тимот на Чеховски медведи.

Со оглед на тоа што се ослободени од притисокот за резултат ракометарите на тимот од Автокоманда можеа да одиграат мирно и да го покажат најдоброто. Иако гостите после почетните 2:0 брзо дојдоа до плус четири и имаа 6:2 во 7. минута немаше предавање.

Гостите од Русија имаа контрола на резултатот и успеваа да бидат во постојана предност која им гарантираше мирно продолжение. Најголемата разлика беше четири гола, а металурзите успеваа да се вратат и да намалат на два гола.

Постојаното движење на разликата од два до четири гола никому не му даваше сигурност. Така беше до заминувањето на одмор, а гостите од Русија беа тие што одат на пауза со предност од 21:17.

Тарабокија и Калуѓеровиќ се најефикасни со по четири погодоци, три има Митиќ, двапати прецизен беше Поповиќ, а по еден гол имаат Петковски, Додиќ, Серафимов и Шилегов. Кај гостите најефикасен е Роман Осташченко кој откако постигна шест гола доби директен црвен картон поради старт на рака над Поповиќ.