Смиљаниќ: Ако играме како против Прилеп, можеме да го изненадиме Металург

Екипата на Тиквеш на гостувањето кај Прилеп стигна до победа од 30:36 и ги освои посакуваните бодови кои ги оставаат во трка за пласман во плеј-офот. Тимот од Кавадарци имаше одличен настап и беше убедлив на гостувањето.

Еден од подобрите на теренот во составот на Тиквеш беше српскиот интернационалец, Вања Смиљаниќ кој натпреварот го заврши со четири гола. После натправарот тој го коментираше изданието на неговата екипа и очекувањата од следниот дуел со Металург.

„Се виде од почетокот дека добро влеговме во натпреварот, мислам дека ова ние најдобар натпревар до сега што го одигравме. Игравме добра одбрана, постигнавме многу лесни голови од полуконтра и контра. Во второто полувреме подзастанавме малку но беше доволно за победа. Сите играчи добија шанса и добро одиграа. Ова беше еден доста лесен меч, сега треба да се подготвиме за Металург. Ако играме како против Прилеп, сè може да се случи и да изненадиме против Металург, а потоа одиме на Работнички и се надевам и таму на победа“, рече Смиљаниќ за 24Ракомет.

Со оваа гостинска победа против Прилеп, екипата на Тиквеш сè уште има шанси да обезбеди плеј-оф но не зависи само од нив, туку и од резултатите на Еурофарм Пелистер 2 кој треба да загуби во последното коло.