Словенците со „дрва и камења“ по Врањеш и ракометарите – Бламажа, мизерија, срам….

Репрезентацијата на Словенија, исто како и Македонија, го заврши настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка, и се враќа дома.

Капитенот Јуре Доленец нагласи дека неговата селекција не одиграла ниту еден добар натпревар во Дебрецин.

„Доживеав едно од најголемите разочараувања во животот. Примивме 15 гола од иста акција, потребно е да размислам што и како понатаму“, вели Доленец.

Со овој дебакл, Љубомир Врањеш веројатно ја заврши својата мисија како селектор на Словенија, а веројатно наскоро ќе има официјализација на одлуката на тамошниот Сојуз.

„Тешко е да се најдат вистински зборови, денеска се посрамотивме. Во првото полувреме нашата игра беше прифатлива, но во второто…Во завршницата на натпреварот едноставно грешевме премногу, примивме многу голови и промашивме три пенали на крајот. Самите сме криви за поразот, не смеевме да си дозволиме ваква ситуација“, вели Гашпер Маргуч.

Словенечките медиуми не ги штедеа критиките кон селекторот Врањеш и кон ракометарите, кои пред две години играа полуфинале на ЕП, а 2017 година освоија бронза на СП.

„Дело“ напиша – Тешко разочарување: Словенија се враќа дома, додека „Дневник“ имаше текст со наслов „Црногорците им ги скратија крилата на словенечките ракометари.

На порталот на „РТВ Словенија“ пишува – Мизерен крај на ЕП, црногорските лавови ги испратија бледите Словенци дома.

„Сиол“ напиша – Жешка шлаканица за Словенците кои се простуваат од ЕП, додека најостра беше „Екипа 24“ – БЛАМАЖА! Словенците не се искачија преку Црна Гора, туку паднаа во Црна дупка!.