Скапиот ЧСМ Букурешт остана втор, Рапид Букурешт е шампион на Романија по 19 години!

Во женскиот шампионат на Романија денеска се одигра последното коло во кое беше решен првакот.

Ракометарките на Рапид Букурешт, предводени од шпанскиот стручњак Карлос Вивер се новите шампионки откако славеа кај Валчеа со 27-35.

Големиот ривал, скапиот ЧСМ Букурешт славеше против Баја Маре со 33-29, но тоа беше доволно само за втората позиција со 68 бода, додека Рапид имаше бод повеќе – вкупно 69 бодови.

Рапид Букурешт сега добива директно место во Лигата на шампионите, додека ЧСМ Букурешт ќе мора да бара вајлд-карта за место во елитната лига.

Ова е вкупно шеста титула за Рапид Букурешт во романскиот шампионат, но последната беше освоена далечната 2003 година.