Скандал во Романија: Договорија трансфер, почнаа со подготовки, а по три дена добија шут-карти

Тројца романски ракометари тврдат дека биле измамени од новиот тим Александрија кој обезбеди настап во најдобрата лига за наредната сезона. Андреј Воинеа, Католин Костеа и Михаи Бечеру се договориле усно со клубот, пристигнале во Александрија и започнале со тренинзи. Сепак тие не добиле договори со новиот клуб.

Александрија се подготвува за својот дебитантски настап во првата лига на Романија, неодамна го ангажира поранешниот тренер на Динамо Букурешт, Константин Стефан, но тројцата ракометари тврдат дека се измамени од клубот. Тие ги имаа договорено условите и требало да ги добијат документите на почетокот на подготовките, но тоа не се случило.

„Стигнав порано со моето семејство и измајмивме стан. После три дена тренинг плановите на клубот се сменија и бевме отпуштени. Сега ми рекоа дека сум на проба. Но јас многу добро знам што разговаравме и што се договоривме претходно“, рече Воинеа за prosport.ro.

Ракометарите не можат ништо да сторат против клубот бидејќи немаат потпишано никаков договор и им преостанува да си побараат нови клубови за следната сезона.