Сите до врв ја полнат мрежата на поранешниот македонски шампион

Во нерамноправен натпревар, ракометарите на Бисинов остварија убедлива победа против Борец со 44:13 во рамки од 6. коло од плеј-аут фазата во Првата лига.

Борец во досегашниот тек од сезоната нема освоено ниту еден бод и некогашниот македонски шампион веќе стана топовски месо за сите екипи во прволигашката конкуренција.

Дебитантот во прволигашката конкуренција победата ја запиша уште во првите 15 минути од дуелот кога поведе со 12:0.

Некогашниот македонски суперлигаш првиот гол го постигна дури во 19-та минута. Избраниците на Никола Бисинов максимално ги искористуваа грешките на Борец и на пауза заминаа со предност од 22:5.

Во продолжението ,,домаќините” од минута во минута ја зголемуваа предноста, додадоа уште 22 гола во мрежата на Борец и триумфираа со висока разлика, изразена со плус 31 гол.

Најефикасни во победничката екипа беа Панче Ристевски со девет, Мартин Иванов со осум и Александар Славков со седум погодоци.

Кај Борец најдобар поединец беше Душан Крстевски со четири реализации, по него следуваше Марко Ангелов со три погодоци.