Сите граници се затворени – некогашен стратег на Пелистер едвај се вратил дома!

Некогашниот пивотмен на репрезентацијата на поранешната Југославија, а сегашен тренер на унгарскиот Орошази – Ратко Ѓурковиќ, дури од четврти обид успеа да стигне од Унгарија во Црна Гора. Некогашниот стратег на Пелистер, се обидел со автомобил да се врати дома, но на унгарско-хрватската граница го чекало непријатно изненадување.

Од Орошази поминал 400 километри до границата со Хрватска, но таму не му било дозволено да влезе во земјата откако биле сменети правилата кои претходно дозволувале повеќечасовен транзит на странци. Тогаш Ѓурковиќ се вратил назад и започнала борбата за враќање дома.

„Прво купив авионска карта од Будимпешта до Тирана, но летот беше откажан. Потоа сакав да се качам на авионот за Брисел и тоа не ми беше дозволено бидејќи немам пасош ос ЕУ. На крај купив карта до Сараево и имав среќа да полетам, тоа беше еден од ретките летови кој не беше откажан. Со помош на амбасадата на Црна Гора во БиХ ја преминав границата и стигнав во Будва“, раскажа Ѓурковиќ за црногорскиот „Вијести“.

Со оглед што Унгарија не е од високо ризичните земји на заразени со коронавирусот, Ѓурковиќ ќе мора да помине во карантин 14 дена, но во домашни услови. Тој одлучил да остане во карантин во соседниот стан каде што би бил поблиску до семејствтото и за полесно да му доставуаат храна.