Симона Гроздановска нема конкуренција, прв стрелец во Швајцарија

Македонската интернационалка, Симона Гроздановска, продолжува да биде најдобар стрелец во швајцарскиот шампионат и во продолжението од сезоната откако со новите десет погодоци стигна до вкупно 144 со кои е неприкосновена.

Нејзиниот Винтертур во последното коло забележа убедлива победа против Амичитија Цирих, 36:22, a на полувреме резултатот беше 17:9 за домашната екипа.

Гроздановска одигра одличен натпревар и беше прв стрелец во нејзиниот тим со 10 голови од 12 обиди. Македонката со головите од денешниот натпревар вкупно има 144 зад своето име.

Винтертур со денешната победа има шанси да обезбеди опстанок во домашната лига, а за тоа ќе мора да одигра добро и на преостанатите натпревари.

Во следното коло, Винтертур, ќе игра против Херцогенбуше. Натпреварот е закажан на 13 март со почеток од 18:30ч.